БЕЛЧОВСКИ, Јован (с. Русиново, Малешевско, 7. Ⅷ 1941) – универзитетски професор. Се школувал во родното село. Завршил Средно богословско училиште во Призрен, Филолошки факултет (романистика) во Белград, магистрирал во Скопје (1982), а докторирал во Загреб (1993). Бил наставник во с. Аргулица, Штипско, во Оџаци (Војводина), во Средното богословско училиште „Св. Климент Охридски“ во Драчево и на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Редовен професор и две години декан на Факултетот. Автор на научни и стручни прилози и на монографии. Учесник на научни собири и конференции. БИБ.: Историските основи за автокефалноста на Македонската православна црква, (Скопје, 1985, 188); Охридската архиепископија од основањето до паѓањето на Македонија под турска власт, (Скопје, 1997, 663); Охридската архиепископија од основањето до забраната на нејзината дејност – 1767 година, (Скопје, 2006, 118). Ал. Тр.