БАЊА БАНСКО

БАЊА БАНСКОСтрумичка Бања, се наоѓа во подножјето на планината Беласица, 12 км југоисточно од Струмица, во близина на с. Банско, поради што е позната и под името Бања Банско. Хидротермалниот систем е од пукнатински тип, а неговиот резервоар се наоѓа во гранити. Теренот е изграден од старопалеозојски гранит покриен со дебели терциерни седименти. Изворите кои ги има 13 се наоѓаат на надморска висина од 270 м. Најсилен е изворот Парило со капацитет од 40 л/сец, а има и една дупнатина со иста јачина. Изворот Парило има највисока температура на водата во РМ 72°С. Водата е од натриумско-сулфатен тип и во себе содржи калциум, магнезиум, натриум, калиум и железо, потоа сулфати, хлориди, хидрокарбонати и хидроарсенати, како и растворени оксиди на силициум, манган и алуминиум. Се користи за лекување на дегенеративен ревматизам, заболување на желудникот и на дванаесетпалечното црево, воспаление на жолчните патишта и на крвните садови, повреди на костозглобниот систем, гинеколошки заболувања и хормонални нарушувања. Со откривањето на Римската Бања, недвосмислено е констатирано дека бањата активно ја користеле Римјаните, а преку присуството на Виран Амам и Турците. Првиот посовремен сместувачки објект е изграден во 1923 г. Денеска С. Б. располага со повеќе од 400 легла распоредени во 5 вили, 4 павилјони и 2 хотела. ЛИТ.: Александар Стојмилов, Струмичка Бања – Банско, „Географски разгледи”, кн. 13, Скопје, 1975. Ал. Ст.