АРГИРОВ-КРЧОВАЛИЈАТА, Илија (с. Крчово, Демирхисарско, 1856 – с. Крчово, јули 1918) – деец на македонското националноослободително движење и војвода на ТМОРО. Учествувал во Кресненско-разлошкото востание (1878-1879) во четата на Стојан војвода, а потоа бил ајдутин во разни ајдутски дружини во Македонија. Се вклучил во ТМОРО (летото 1899) и станал војвода на првата чета на Организацијата во Серскиот револуционерен округ, а потоа станал војвода во Демирхисарско (1902-1903). Зел учество во Илинденското востание и бил пунктов началник во Рила (1902-1908). Во времето на Младотурската револуција (1908) се легализирал, но наскоро бил уапсен, осуден (1909) и две години поминал во Солунскиот затвор (1909-1911), по што постепено се пасивизирал од револуционерната и политичката дејност. С. Мл. Драги Аргировски