АРАНЃЕЛОВДЕН -. христијански празник Собор на свети Архангел Михаил (21/8 ноември), кај народот познат како Аранѓел и Аранѓеловден. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби. Спаѓа меѓу поголемите празници. Кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши, ги собрал Архангел Михаил сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот”. Во спомен на тој собир црквата го востановила овој празник. Со него им се оддава признание на сите ангели. Уште еден ден од православниот календар е поврзан со името на св. Архангел Михаил. На 19/6 септември се празнува Спомен на чудата на св. Архангел Михаил во спомен на чудото во Хон, место во Фригија, кога тој ја спасил црквата од уривање од неверниците, кога водата што требало да ја потопи ја свртел во друга насока. ЛИТ.: Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази, прикупио и описао Стефан Тановић, учитељ, Београд, 1927; Марко К. Цепенков, Книга деветта, Народни верувања, детски игри, редактирале д-р Кирил Пенушлиски и Лепосава Спировска, Скопје, 1972. М. Кит.