АПОСТОЛСКИ, Никола (Кратово, 1914 – Скопје, 2003) – протојереј-ставрофор. Се школувал во Кратово, гимназија завршил во Скопје, а во Призрен – шестокласна богословија. Завршил Богословски факултет во Белград и Филозофски факултет во Скопје. Во 1963 г. бил ракоположен за ѓакон и свештеник, а истовремено бил вероучител и професор во средните училишта во Скопје. Учесник е во НОБ од октомври 1941, член на Иницијативниот одбор за обновување на Охридската архиепископија со основање на Македонската православна црква; еден е од организаторите на Првиот црковно-народен собор (1945), секретар на Свештеничката конференција (1946), учесник на Соборот во Охрид (1958), кустос – археолог во Народниот музеј во Скопје, професор, црковнопросветен референт и главен и одговорен уредник на „Весник” – Службен лист на МПЦ и новинар во Општообразовната редакција на Радио Скопје. ЛИТ.: Доне Илиевски, Македонското православно свештенство во борба за национална и црковна слобода, Скопје, 1987. Рат. Гр.