АНДРЕЕВ, Андреј

АНДРЕЕВ, Андреј (Дамјан) Дамев (1847-1921) – градител и живописец од тајфата на Рензовци. Син на А. Дамјанов, еден од последните претставници на рензовските градители и еден од најплодните автори, чие дејствување ќе го означи и крајот на градителските тајфи во Македонија. Црквата „Св. Кирил и Методиј” во Тетово (1885, осветена во 1925) претставува еден од најинтересните објекти во неговиот опус. Другите цркви што ги изградил во Македонија („Св. Богородица” во Велес – довршена, „Св. Константин и Елена” и „Св. Димитрија” во Скопје) сведочат за една логична развојна линија на архитектонскиот јазик и третманот на пластиката, украсите, декорацијата и другите елементи во објектите. Освен во Македонија, тој изградил цркви и во Призрен (1889) и во Косовска Митровица. Од неговата иконописна дејност е регистрирана само една икона (Св. Пантелејмон) што се наоѓа во велешката црква „Св. Пантелејмон”. К. Гр.