АНГЕЛКОВЦИ

АНГЕЛКОВЦИ – семеен род со потекло од с. Гари, кои се занимавале со зографство кон крајот на ⅩⅤⅠⅠⅠ и почетокот на ⅩⅠⅩ век. Најстариот од родот бил Ангелко и имал син Петар, чии пак двајца синови Спас и Доне (Андон) Петрови оставиле потомци кои се занимавале со овој занает во Македонија до 1938 г. Работеле икони во околината на Струмица, Прилеп, Кавадарци и во Мариово. Во групата се познати синовите на Доне (Андон): Димитар Донев (1856–1934), Георги Донев (1862–1933) и Нестор Донев (1866– 1926). Од нивните потомци се сликани некои цркви во Кичевско. ЛИТ.: А. Василиев, Български възрожденски майстори, София, 1965, 241. В. П.-К.