АЛУШЕВСКИ, Илија (с. Ѓавато, Битолско, 1928 – Битола, 8. Ⅱ 2004) – средношколски професор, фолклорист. Уште како ученик во Учителската школа „Браќа Миладиновци” во Битола почнал да собира македонски фолклор, а повеќе записи направил и на Фолклорниот фестивал во Битола (1947) и на Младинската работИлија Алушевски на акција „Маврово”. По завршувањето на Учителската школа (1948/1949) студирал на Вишата педагошка школа во Скопје и бил еден од првите членови во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец”. По дипломирањето бил стручен соработник на Институтот за фолклор во Скопје (1. Ⅱ – 31. Ⅻ 1953), просветен работник во Кочани, Штип, Смилево и Битола, при што ја продолжил собирачката дејност, а дел од собраните материјали ги објавувал во дневниот и периодичниот печат и во две збирки. Има особен придонес во дејноста на КУД „Стиф Наумов”, КУД „Илинден”, КУД „Александар Турунџев”, КУД „Гоце Делчев” и КУД „Даме Груев” од Битола и во КУД „Стив Наумов” од с. Логоварди. Беше и еден од иницијаторите за формирањето на Фестивалот за народни песни и игри „Илинденски денови” во Битола. Замина во пензија како професор во Средното техничко училиште во Битола. БИБ.: Залуде лудо, полуде (народни песни), Битола, 1990; Цвилит коњче во гора зелена (народни песни), Битола, 1994.ЛИТ.: Панде Манојлов, Илија Алушевски 1928-2004, „Прилози”, Ⅱ, 3-4, Битола, 2004, 209-210. С. Мл.