АКЦИОНЕН НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН КОМИТЕТ

АКЦИОНЕН НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН КОМИТЕТ (1943) – главно национално политичко тело (од македонски интелектуалци и претставници од македонското граѓанство), „највисок орган на револуционерната власт” на окупираната територија во Вардарскиот дел од Македонија. Објавил Проглас до македонскиот народ (IX 1943) со повик за масовна вооружена борба за национално ослободување и за обединување во самостојна македонска национална држава. Членовите на АНОК се противставиле на решението во Манифестот на Главниот штаб (Ⅹ 1943) за создавање македонска државност во Вардарскиот дел на Македонија во рам-ките на федеративна Југославија. Во Приговорот АНОК го оспорил легитимитетот на штабот како воено раководно тело да донесува политичко решение за виталното национално прашање што е во исклучителна надлежност на политичко претставничко тело, со потсетување дека борбата се води за обединување на македонскиот народ, не за парцијално решение во „вештачката комбинација Југославија.” Предупредил дека во тој случај поделбата на Македонија се санкционира засекогаш. По одговорот од Гш и од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ ( Ⅰ 1944 ) за можно обединувањето на македонскиот народ во рамките на Титовата Југославија, членови на АНОК влегле во Иницијативниот одбор и битно влијаеле на донесувањето на решенијата на Првото заседание на АСНОМ за создавање суверена македонска национална држава Демократска Македонија и за обнародување завет за обединување на македонскиот народ. ЛИТ.: АСНОМ 1944-1964, Скопје, 1964; Зб., Кузман Јосифовски-Питу, Скопје, 1995; Михајло Миноски, Авнојска Југославија и македонското национално прашање (1943-1946), Скопје, 2000. М. Мин.