Аграрните реформи во Македонија (1918&1953) & во текот на минатиот век биле извршени две аграрни реформи. Првата аграрна реформа била спроведена во периодот меѓу двете светски војни (1918–1941). Објект на оваа аграрна реформа биле слободните и напуштените имоти (обработлива земја, утрини и шуми во државна и општинска сопственост и сл.) и имотите што ќе останеле слободни по парцелизирањето на крупните имоти. Наспроти ветувањата на аграрните власти и на режимот дека аграрните интересенти ќе ги добијат назад своите имоти бесплатно, земјоделските производители за сето време на дваесет и тригодишниот период меѓу двете светски војни добивале само празни ветувања, биле држени во целосна неизвесност и од страна на политичките партии, државната власт и режимот безочно биле манипулирани и ползувани при изборните кампањи. Аграрната реформа била спроведувана неплански, неорганизирано и без вистински увид во постојниот земјиштен фонд. Бившите сопственици незаконски ги продавале имотите, најчесто на поимотните селани, на шпекуланти, на државни службеници и на други лица што не се занимавале со земјоделство. Во многу случаи аграрните комисии своеволно ги ограничувале имотите на македонските селани и земјата им ја доделувале на колонистичките семејства, кои од другите краишта на Кралството Југославија биле населувани во овој дел на Македонија. Целите на аграрната реформа – обезбедување на селаните со земја, создавање поволна поседовна структура и унапредување на земјоделското производство – не биле постигнати. Основна цел на аграрната реформа од 1945–1953 г. било „да се задоволат социјалните барања на сиромашното селанство како најмасовен општествен слој“. Посебна улога во спроведувањето на аграрната реформа имале месните аграрни комисии. Овие комисии биле избирани на селските собири, кои претставувале еден вид собранија на сите заинтересирани полнолетни мажи од домаќинствата во селото каде што имало земја за експропријација. Објект на експропријација биле имотите на крупните земјишни сопственици, имотите на колонистичките семејства населени во Вардарскиот дел на Македонија во периодот меѓу двете светски војни, имотите на банките, претпријатијата и на акционерските друштва, имотите на црквите и манастирите, поседите на припадниците од германска националност што соработувале со окупаторот и конфискуваните имоти на сите лица што биле прогласени за