АВДОВИЌ, Алија (с. Синѓелиќ, Скопско, 1912 – логор Бањица, септември 1941) – комунистички деец. Завршил основно училиште во родното село и медреса во Скопје, каде што се вклучил во прогресивното младинско движење. Како студент на Филозофскиот факултет во Скопје и припадник на прогресивното студентско движење, бил прогонуван од српската полиција, а во една партиска провала бил уапсен (кон крајот на 1934) и осуден како комунист според Законот за заштита на државата. Казната ја издржувал во затворот во Сремска Митровица, каде што стекнал богато револуционерно искуство. По излегувањето од затвор, поради нарушеното здравје, извесно време престојувал во болница и санаториум, но продолжил со комунистичката дејност во родното село и околината. Во Синѓелиќ формирал и група активисти (1939), ангажирани во Селската самопомош и во Народната помош за учесниците во работничките штрајкови во Скопје. По фашистичката окупација, поради антифашистичката дејност пак бил уапсен (6. Ⅷ 1941), спроведен во логорот Бањица и со група затвореници стрелан од Гестапо. Пред стрелањето спасил неколку затвореници да бидат вратени од стрелиштето, кога на прашањето од гестаповците за издвојување на комунистите, одговорил: „Овде нема други комунисти освен Боро Тодоровиќ и мене.” ЛИТ.: Беа, загинаа, останаа, Скопје, 1969, 22-23; Тихо Милошевски, Сеќавања од НОБ, Архив на Скопје, 1975, 10; Крсто Здравковски, Да не се заборави, Скопје, 1982, 65-66. С. Мл.