БИЧЕНА ГРАЃА

БИЧЕНА ГРАЃА – краен производ на пиланското производство. Со помош на технологијата на бичење од дрвото се изработуваат сортименти со различни напречни пресеци. Формите на бичената граѓа на напречниот пресек можат да бидат: четирирабни, полигонални, комбинирани и меркантилни. Овие четири форми по должина можат да бидат со паралелни рабови, со призматична и со конусна форма или како пресечена пирамида. Според степенот на надолжната обработка постои: неокрајчена, полуокрајчена и окрајчена граѓа. Неокрајчената граѓа од двете страни по надолжната страна на дебелината е лисичава (бичена само по ширина). Полуокрајчената граѓа од едната страна по должината на дебелината е лисичава, а е бичена по ширина и само од едната страна по дебелина. Окрајчената граѓа е острорабна, бичена на сите четири страни по надолжната страна и може да биде паралелно или конусно окрајчена. Б. Ил. Васка Биџова-Гајдова