БИЛИНО – средновисока планина што се протега во крајниот североисточен дел на Република Македонија на границата со Република Србија. Точните граници на планината тешко можат да се одредат поради големата десецираност на релјефот. На север се надоврзува Чупино Брдо, кое морфолошки не се разликува многу, па може да се смета за дел од Билино, додека на југ преминот од планината Герман е незабележителен. Главното било се протега во правец север–југ во должина од 15 км. Највисок врв во јужниот дел е Стража (1.547 м), додека во северниот е Чупино Брдо (1.073 м). Пониските делови се под шума – даб и бука, а повисоките се под пасишта. Т. Анд. Златко Билјаноски