ТРИФУНОСКИ, Јован

ТРИФУНОСКИ, Јован (с. Вруток, 23. Ⅸ 1914 – Белград, 2002) – географ, унив. професор. Основно образование завршил во с. Вруток, а гимназија во Скопје и Тетово. Се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје (1935), каде што и дипломирал (1939). Бил избран (1940) за асистент во Географскиот завод при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1941 до 1946 г. живеел во Белград, каде што до 1943 г. работел како асистент во Географскиот институт, а потоа бил професор во гимназија. Во 1946 г. е примен на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, каде што работи како асистент на Катедрата за географија (до 1950). Докторирал во САНУ во Белград (1950), а потоа е избиран за доцент (1951), за вонреден (1959) и за редовен професор (1969). Предавал регионална географија и антропогеографија. По пензионирањето (1979), до крајот на животот живее во Белград. Најголем дел од научноистражувачката работа му е од областа на географијата на населението и населбите. Еден е од најплодните македонски географи; ги проучил и напишал антропогеографски студии за повеќе наши котлини и градови. БИБ.: Скопско поље. „Насеља и порекло становништва“, 35, Београд, 1955; Варошица Крушево, „Гласник Етографског института САН“, Ⅳ-Ⅵ, Београд, 1957; Битолско-прилепска котлина, „Годишен зборник на Географскиот институт“, 17, Скопје, 1969; Кочанска котлина, сеоска насеља и становништво, Скопје, 1970. Ал. Ст. Иван Тричков-Јане