СКРИЖОВСКИ, Георги

СКРИЖОВСКИ, Георги (Георги Радев Иванов) (с. Скрижово, Драмско, Егејскиот дел на Македонија, 1882 – Свиленград, Бугарија, 25. Ⅱ 1925) – деец на ТМОРО/ВМРО. Го завршил Педагошкото училиште во Сер, каде што станал член на ТМОРО, а потоа учителствувал во повеќе села – Горни Порој (Демирхисарско), с. Горно Броди (Серско) и с. Скрижово. Бил раководител на ТМОРО за Драмска околија, борец во четата на Димитар Гуштанов, Георги Скрижовски секретар на Јане Сандански (1902), а потоа разлошки војвода. Со четата на Илија Аргиров-Крчовалијата учествувал во минирањето на мостот на р. Ангиста. Бил член на Серскиот окружен револуционерен комитет на ТМОРО (1904), приврзаник на т.н. Серска група и разлошки околиски војвода на ВМОРО (1907). По Младотурската револуција бил еден од основачите на Народната федеративна партија (19081910). Во Балканските и во Првата светска војна дејствувал во заднината како поткрепа на бугарската армија. Бил член на Привременото претставништво на Обединетата бивша ВМРО и потписник на Апелот (9. Ⅲ 1919). Ги прифатил социјалистичките идеи и станал член на БКП. Убиен е во врховистичките чистки. ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Процеси од македонската литературна и национална историја, Ⅲ, Скопје, 1990, 226, 512; истиот, Македонија и македонската нација, Скопје, 1995, 305. С. Мл.