БАСАРОВ, Јован Андреев (Рудник, 15. Ⅷ 1922 – Скопје, 21. Ⅲ 1943) – првоборец, организатор на оружената борба во Велес и Велешко и еден од првите борци во НОПО „Димитар Влахов“ во 1942 г. Учествувал во повеќе борби против бугарската војска и полиција и нивните помагачи контрачетниците во Велешко и во Скопско. Ги предводел оружените напади на Одредот на железничката станица „Клајман“, на с. Папрадиште и во други места во Велешко. Бил фатен од контрачетниците во с. Отиштино (Велешко) на 5. Ⅻ 1942 г. и предаден на бугарските власти, кои го осудиле на смрт со бесење. Казната била извршена во Скопскиот централен затвор. ЛИТ.: Велес и Велешко во НОВ 1941–1945, Спомен книга, Т. Велес, 1985; Велешки партизански одред 1942, Скопје,1999. Ѓ. Малк.