БАНСКО – град во Пиринскиот дел на Македонија, Република Бугарија со 9.384 ж. (1992). Се наоѓа во северното подножје на планината Пирин, на југозападната страна на р. Глазне. Преку Б. поминува регионалниот пат Благоевград–Разлог–Гоце Делчев. По долината на Места до Б. допира влијанието на променетата медитеранска клима. Како населба е формирано во IX и Ⅹ в. со припојување на неколку маала. Во пишуваните документи за првпат се споменува во 1576 г. Градот брзо се развива во втората половина на ⅩⅤⅠⅠⅠ и почетокот на ⅩⅠⅩ в. Тогаш станува значаен трговско-занаетчиски центар во североисточна Македонија. Како резултат на економскиот напредок биле изградени оригинални градби од кои некои и до денес се зачувани. Во 1838 г. во склоп на црквата било изградено големо ќелијно училиште, а е отворено и уметничко училиште, во кое работеле познати иконописци од дебарскиот крај. Населението од Б. активно учествувало во Илинденското востание, меѓутоа, по задушувањето на востанието голем број семејства биле принудени да го напуштат градот и да се преселат во Софија и во други градови на Бугарија. Тогаш неговото население се намалува од 6.500 ж., колку што броело во 1900 г. на 4.532 ж. во 1920 г. Во последниве години тоа започнува да стагнира, па и да се намалува. Така, додека во 1985 г. во Б. живееле 10.015 ж., во 1992 г. тој број се намалува на 9.384 ж. Од индустриските објекти во Б. постои Завод за телефонски апарати, Фабрика за столови „Пирин”, Фабрика за детски играчки „Изгрев”, има добро развиена трговска мрежа и модерни угостителски објекти. Градот е познат зимско-спортски центар со повеќе скилифтови што водат кон скијачките патеки на северен Пирин. ЛИТ. : Иван Батаклиев, Град Банско, Славяни, 1972. Ал. Ст.