СВЕТА БОГОРОДИЦА

СВЕТА БОГОРОДИЦА“ – манастирска црква на левиот брег на р. Треска, во близина на с. Глумово (Скопско). Градена од кршен камен и од малтер. Припаѓа на типот цркви со впишан крст, стеснет облик. Над средишниот дел се издига купола што се потпира на пиластри. Олтарната апсида од надворешна страна е тристрана. Фасадите се оживеани со лизени. Над влезната врата е зачуван натпис во кој се вели дека некоја Милица во 1497 г. ја нашла црквата откриена и дала средства за да се препокрие и да се живописа. Изградила припрата и купила лозје за манастирот. Од текстот произлегува дека црквата била градена многу порано. Постои мислење дека првично била изградена со средства што ги обезбедил Бојко, синот на властелинката Даница, ктиторка на црквата „Св. Никола“ во с. Љуботен (ⅩⅣ в.), бидејќи во тоа време тој бил господарот на Матка. Фрескоживописот, за чијашто изработка средства дала Милица, е со послаби ликовни вредности. Во првата зона, покрај светителите, се насликани и портретите на новите ктитори – Милица и Никола. ЛИТ.: В. Петкови¢, Преглед црквених споменика кроз повесницу српског народа, Београд, 1950, 38; К. Балабанов – А. Николовски – Д. ќорнаков, Споменици на културата на Македонија, Скопје, 1980, 55. К. Б.