ПАЛЕОЗОЈСКА ЕРА

ПАЛЕОЗОЈСКА ЕРА – траела околу 320 млн. години (570–250 млн. г.). Поделена е на камбриски, ордовициски, силурски, девонски, карбонски и пермски период. Во Македонија палеозоикот е широко распространет во Западномакедонската и Вардарската зона, а на помал простор се јавува и во Осоговско-малешевскиот масив. Поради претрпените тектонско-метаморфни промени на седиментните маси, палеозоикот е доста сиромашен со фосили и не е подетално стратиграфски расчленет. Претставен е со два основни комплекса од старопалеозојска старост, меѓусебно различни по литостратиграфските карактеристики и по степенот на метаморфизмот. Постариот, камбриско-ордовициумски комплекс е изграден од нискометаморфни филитични и зелени шкрилци, метадијабази, метагаброви и метариолити, со малку мермери. Силурско-девонскиот анхиметаморфен комплекс е изграден од подолно ниво на аргилошисти и метапесочници, во кој во Западномакедонската зона се јавуваат значајни наоѓалишта на шамозитсидерит-магнетитски и мангански руди, и погорно ниво од карбонатни шкрилци и мермери. Двата комплекса меѓусебно се во дискордантен однос, а во Западномакедонската зона и Осоговскомалешевскиот масив се пробиени со херцинските гранитоиди. ЛИТ.: Н. Думурџанов, Девонски магматизам во Западномакедонската зона, „Геологика Македоника“, Ⅲ, Но. 1, Штип, 1987–88; М. Арсовски, Тектоника на Македонија, монографија, 1997. Н. Дум.