ПАВЛОВСКИ, Радован

ПАВЛОВСКИ, Радован (Ниш, Р. Србија, 23. Ⅺ 1937) – поет, публицист, патописец и колумнист. Живеел и творел долги години во Загреб, Хрватска (1964–1982), во Бел-град, Србија (1982–1985), а од 1985 г. живее и твори во Скопје. Член е на Сојузот на писателите на Хрватска и на Србија, на Македонскиот ПЕН центар и на МАНУ, како и на ДПМ (од 1961). Во 1960 г. заедно со Богомил Ѓузел го објавуваат манифестот „Епското на гласање“ (1960). Во духот на традициите од европските книжевни движења двајцата поети ја најавија и ја објаснија својата поетика преку манифест – форма. Она што овој поет го направи на својот почеток со својата дебитантска збирка „Суша, свадба и селидби“ (1961), а што многумина пред него не го направија, е комплетното откажување од формите на традиционалниот стих. Така, својата песна ја сведе само на најсуштинското – метафоричноста. Се чини дека толкаво изобилство на фигуративност не познава ниту една друга поезија во македонската книжевност. Но ова изобилство лесно можеше да го доведе поетот да падне во сопствената стапица. Зашто таквата хиперпродукција на фигури – метафори предизвикува една негација на многузначноста на песната и во тој контекст таа фигуративност се сведува на метафоричен манир. П. со збирката „Клучеви“ (1986) почнува да го редуцира својот исказ во смисла на должината на песната, зашто пред оваа збирка (особено во „Корабија“, 1964 и „Низ проѕирката на мечот“, 1971) се сретнуваме со изразито долги песни, кои критиката ги нарече поеми. ДЕЛ: поезија: Суша, свадба и селидби (1961), Корабија (1964), Високо пладне (1966), Боемија на природата (1969), Низ проѕирката на мечот (1971), Сонце за кое змијата не знае (1972), Пир (1973), Зрна (1975), Молњи (1978), Стражи (1980), Чу-ма (1984), Клучеви (1986), Марена (1986), Јавач на звукот (1995), штит (2001), На едно око (2002). ЛИТ.: Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990); Лидија Капушевска-Дракулевска, Поетика на несознајното (2002); Лидија Капушевска-Дракулевска, Поетика на изненадувањето (2003). В. М.-Ч.