МИРЕВСКИ, Димитар Стојанов (Димче Мире) (Прилеп, 10. Ⅹ 1910, Скопје, 4. Ⅸ 1991) – археолог, историчар и архивист, национален деец, политичар и државник, резервен капетан на ЈНА. Основно образование завршил во Прилеп, гимназија во Битола и Филозофски факултет (Група археологија) на Белградскиот универзитет (1935). Учествувал во организирањето на работничките штрајкови во Прилеп и во изборите во 1936 и 1938 г. Од политички причини бил апсен и прогонуван и до 1940 г. не можел да добие државна служба. Бил еден од учесниците на разговорот на група македонски интелектуалци (К. Рацин, Љ. Арсов и др.) со проф. Н. Вулиќ (1939) во врска со македонското национално прашање. Подоцна бил професор во српската гимназија во Пеќ ( до април 1941) и во бугарските гимназии во Кратово (1. Ⅸ 1941 – 31. Ⅷ 1942) и Ловеч (Бугарија, 1. Ⅸ 1942 – 6. Ⅳ 1943). Поради анифашистичката дејност (поддршка на прогресивните професори и младинци), бил отпуштен од работа и интерниран во работниот логор во Чучулигово (Пиринскиот дел на Македонија, до август 1943), каде што се нашле со М. АндоновЧенто, Љ. Лапе и други македонски дејци. Потоа пак бил вратен на работа во Ловеч (септемвридекември 1943). По враќањето во Македонија станал борец на Втората (од 20. И 1944), а потоа на Петтата македонска НО бригада. Бил член на АСНОМ (од август 1944). На Второто заседание на АСНОМ бил избран за член на Президиумот и повереник за просвета на ДФМ. По Ослободувањето бил член на Президиумот на Народното собрание, потпретседател на Планската комисија, министер за просвета на НРМ (1947–1951), директор на Дирекцијата на поштите, претседател на Народното собрание на НРМ (1951–1955), народен пратеник во Републичкиот собор на Народното собрание на НРМ, претседател на Одборот за просвета, член на Главниот одбор на ССРНМ и на Главниот одбор на ССРНЈ, претседател на Здружението на архивистите на Македонија, претседател на Матицата на иселениците од Македонија, а до пензионирањето директор на Архивот на Македонија (1960–1978). Под негово раководство се изградени шест современи архивски згради во СРМ. Автор е на една брошура и повеќе статии и прилози од историјата и архивистиката. БИБ: Востанија и движења во Македонија во втората половина на ⅩⅤⅠ и почетокот на ⅩⅤⅠⅠ век, ИНИ, Скопје, 1951. ЛИТ.: Државен архив на Република Македонија 1951–2006, Скопје, 2006, 54. С. Мл.