МАТОВСКИ, Славко (Скопје, 17. Ⅸ 1927) – унив. професор, ракометар. Дипломирал на Државниот институт за физичка култура во Белград (1960). Магистрирал на Медицинскиот факултет во Скопје (1977) на тема: „Местото на Спортското друштво ,Работнички’ во Скопје во нашето напредно работничко движење и неговата улога во развојот на спортскиот живот во СР Македонија“. Докторирал на Факултетот за физичка култура во Скопје (1982) на тема: „Напредното работничко спортско движење во Вардарска Македонија од неговата појава до 1944 г. со осврт на синдикалното спортско движење во НР Македонија (1944–1947)“. Објавил повеќе стручни и научни трудови. Како стручњак и раководител работел во неколку институции, а на Факултетот за физичка култура како виш предавач и редовен професор на предметот Спортски игри (од 1978–1987). Во атлетиката поставил осум републички рекорди. Тој е сестран спортист, репрезентативец во ракометот, успешен тренер, истакнат спортски работник и функционер и е еден од основоположниците на ракометот во Македонија. Д. С.