АРСОВ, Тодор Дончов

АРСОВ, Тодор Дончов (Штип, 12. IX 1919 – Виница, 21. Ⅴ 1943) – комунистички деец, организатор и борец на НОБ. Основно училиште завршил во родниот град, а гимназија во Врање и Заечар (1933/1934), каде што бил член на Литературната дружина „Јован Скерлиќ” и станал член на СКОЈ. Како студент на Правниот факултет на Белградскиот универзитет, бил активен учесник во студентското движење и член на КПЈ (септември 1935), при што бил упасен и поминал три месеци под истрага во затворот Главњача (1935). По излегувањето бил протеран во Штип, каде што станал член на обновениот МК на КПЈ. Повторно бил уапсен (април 1937) и по три месеци истрага во затворот во Велес и во Централниот затвор во Скопје, бил суден во Белград, а казната ја издржал во затворот Лепоглава. Априлската војна (1941) го затекнала на отслужување на воениот рок во авто-единица во Охрид, а по брзиот слом на кралската војска се вратил во Штип и станал член на обновениот МК на КПЈ (јуни 1941). Барајќи вработување, извесно време работел како адвокатски приправник во Окружниот суд во Скопје (кон средината на 1942). Пред опасноста да биде провалена неговата партиска дејност, се засолнил во ќустендил, а потоа пак се вратил во Штип (20. Ⅳ 1943). Како истакнат организатор на НОБ, бил назначен за политички комесар на штабот на Четвртата оперативна зона на НОВ и ПОМ. Загинал во судир со бугарската војска и полиција како политички комесар на Вториот плачковички (Штипски) НОПО „Гоце Делчев”. ЛИТ.: Љубен Георгиевски-Љупта, Студенти револуционери, Ⅱ дел, Скопје, 1973, 7-24; Штип и Штипско во народноослободителната војна 1941-1945, Прилози од научниот собир одржан на 17, 18 и 19 мај 1990 во Штип, книга 1-4, Скопје, 2000-2001. С. Мл.