ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ – економски развој на ниво на единиците на локалната самоуправа – општините. Во Европа, концептот особено доби во значење по 1985 г., кога Советот на Европа ја донесе Европската повелба за локална самоуправа, која во голема мера ја редефинира улогата на локалните власти во динамизирањето на локалниот економски развој. Суштината е преку фискална децентрализација да се зголемат економските надлежности на локалните власти и да се поттикнат иницијативите и конкуренцијата помеѓу општините, да се осигури ефикасно мобилизирање на сите воспоставени ресурси на локално ниво, зголемување на вработеноста и на благосостојбата на граѓаните. Во периодот 1991–1996 г, локалната самоуправа во Република Македонија практично не постоеше, општините беа речиси целосно развластени од економските (и не само од економските) надлежности, вклучувајќи ги тука и оние што им припаѓаа, според регулативата во претходниот систем. Во текот на 1996 г. се изврши нова територијална поделба на земјата (123 општини), но фискалната децентрализација изостана. Во периодот до 2005 г. учеството на единиците на локалната самоуправа во јавната потрошувачка беше исклучително ниско (финансиските средства наменети за општините се движеа помеѓу 1,8 до 2% од вкупните расходи на централниот буџет). Од 2004 г. уследи нова територијална поделба на земјата (85 општини) и се отвори процесот на фискална децентрализација, со што се создадоа неопходните претпоставки за забрзување на локалниот економски развој (в. фискална децентрализација). Притоа, развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото, како и воспоставувањето на системот за нивна поддршка на локално ниво (регионални центри за МСП, бизнис-инкубатори, консултантски услуги и сл.) и во РМ, како што е тоа, впрочем, случај и во европските земји, ја чинат основата за динамичен и одржлив локален економски развој. ИЗВ.: ИДБЦ, Општините во Република Македонија (автори на текстовите: В. Поповски, А. Селмани), Скопје. 2006. ЛИТ.: К. Богоев, Предизвиците и импликациите на децентрализацијата, ,,Прилози”, ЏЏЏВ, 1-2, МАНУ, Скопје, 2004; Т. Фити, В. Хаџи Василева–Марковска, М. Бејтмен, Претприемништво, Скопје, 2007. Т. Ф.