КОРЕШНИЦА, МАРКОВА КУЛА, ДЕМИРКАПИСКО

КОРЕШНИЦА, МАРКОВА КУЛА, ДЕМИРКАПИСКО – раноантички дворец и средновековна византиска тврдина. На доминантните карпи над теснецот кај Демир Капија во антиката и во средниот век биле подигнати пет утврдени позиции. Најголемата е Марков Град, над самата утока на р. Бошава во Вардар, кој врти во остар лак околу неа. На Маркова Кула – Јуручки Камен (највисоката утврдена позиција), 700 м северно од Марков Град, во раната антика бил подигнат дворец со квадратна форма (40 х 36 м), изграден од масивни паралелопипедни камени блокови. Ѕидовите биле широки 2,40 – 3,20 м. Во доцната антика платото околу дворецот било повторно фортифицирано во долга фортификцаија, со посебни зајакнувања со кули и порти (во цврст малтерен опус) на северното и на јужното чело. Истата била користена и во средниот словенско-византиски период.