КОЛОНИЗАЦИЈАТА на Вардарскиот дел на Македонија како систем

КОЛОНИЗАЦИЈАТА на Вардарскиот дел на Македонија како систем (1912–1941) – туѓоземно населување за менување на националната структура спроведувана во 4 етапи: 1912–1915, 1919–1924, 1924–1928, 1929–6 април 1941 г. Колонизирањето се вршело врз основа на специјалните акти: „Уредба за населување на новоосвоените и присоединети области на Кралството Србија” од 20. Ⅱ 1914 и „Претходни одредби за подготовка на аграрната реформа” од 27. Ⅱ 1919 г. Биле колонизирани „доброволци”, четници, пониски државни службеници, автоколонисти – приватна и државна колонизација, а се инсталирале и културни, просветни, стопански и други установи. Објекти на колонизацијата биле: слободната државна земја, општинските и селските земји и утрини, имотите на бегалците и земјиштата што можат да се издвојат од поголемите имоти. Колонизацијата ја спроведувале: Аграрното одделение, со 6 отсеци при Министерството за аграрна реформа на Кралството на СХС (од 12. Ⅱ 1920); аграрните заедници (од 20. Ⅱ 1922), односно аграрните задруги (од 1931); Врховното поверенство на аграрната реформа во Скопје (од 1931); аграрните поверенства во повеќе градови и Вишиот аграрен суд во Скопје. Крајниот резултат на колонизацијата во Вардарскиот дел на Македонија до крајот на октомври 1940 г. бил: 200 колонии и 4.167 колонистички семејства. ЛИТ.: Д-р Александар Апостолов, Колонизацијата на Македонија во Стара Југославија, Скопје, 1966. Н. Цв.