КОЖУФ

КОЖУФ – висок планински масив што се наоѓа во крајните јужни делови од РМ, на македонскогрчката граница, помеѓу Тиквешката Котлина на северозапад и Гевгелиско-валандовската Котлина на исток. Се протега во правец јз–си. Планинското било е заоблено и нерасчленето. Негови највисоки врвови се Зелен Брег (2.165 м), Дудица (2.138 м), Смрека (2.112 м), Порта (2.097 м) и др. Зафаќа површина од 893 км². Геолошкиот состав го прават палеозојски шкрилци, кои се наоѓаат во подината, а преку нив во повисоките делови лежат тријаските варовници и вулкански карпи. Во неогенот Кожуф бил зафатен со интензивна вулканска активност претставена со силни ерупции и изливи на вулканска лава и пирокластичен материјал. Од андезитите се изградени повеќе вулкански купи и возвишенија и тоа: Острец, Цврстец, Момина Чука. Вулканската активност овозможила создавање на рудни лежишта на антимонска и арсенова руда (кај Алшар и Смрдлива Вода), и на бакарна и оловно-цинкова руда (кај Дудица). На Кожуф е развиен карстниот релјеф, особено во карстната област Хума. За време на плеистоценот највисоките делови на оваа јужна планина на Македонија биле зафатени со глацијација, така што се среќаваат траги од неа во вид на циркови. На највисоките делови се развиени изворишните челенки на реките: Дошница, Бошава, Блаштица и др. ЛИТ.: А. Стојмилов, Физичка географија на Р. Македонија, ПМФ, Скопје, 2003. Т. Анд. Планината Кожуф Иван Козарев