КАРОВСКИ, Лазо Трајков (Кавадарци, 17. Ⅱ 1927 – Скопје, 3. Ⅱ 2000) – еден од првите македонски поети по Ослободувањето, романсиер, детски поет, литературен историчар и фолклорист. По завршувањето на гимназијалното образование во родниот град и во Скопје, дипломирал на Катедрата за југословенски литератури и македонски јазик на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што и докторирал со темата „Печалбарството во македонската народна и уметничка литература” (1973). Работел како гимназиски професор во Кавадарци и во Учителската школа во Битола, а потоа предавал на тамошната Педагошка академија. На 1. Ⅶ 1974 г. е избран за научен советник во Институтот за фолклор во Скопје, каде што останува до пензионирањето (31. Ⅲ 1986). Стихови на македонски пишува по пропаѓањето на Кралството Југославија (1941). Тогаш се запознава со поезијата на Венко Марковски и со некои песни на Кочо Рацин, па веќе во 1942 г. го оформува циклусот „Роб” и поемата „Тиквеш се дига”, а во следната година го оформува циклусот „Сирак-скитник” и првата верзија на поемата „Крвава блокада”. Се прават тајно организирани литературни читања и станува член на НОМСМ (17. Ⅱ 1943). Ги подготвува циклусите „Македонија” (1943-1944) и „Хумор и сатира” (1944) и ја оформува збирката „Стихотворениа” (зачувана во ракопис). Негови „врапчиња” се исполнуваат (обично во дует) на сите јавни собири во Кавадарци и по блиските села, а градскиот „Ѕиден весник” е покриван со негови актуализирани стихови (септември-октомври 1944). Како студент во Скопје соработува во тогашните весници и списанија, како и во заеднички стихозбирки со првата генерација македонски поети (Ацо шопов, Блаже Конески, Славко Јаневски и Гого Ивановски), а од 1946 г. почнува да публикува и серија свои збирки песни и поеми (за возрасни и за деца). Во врска со јатности, но скоро станува член на тогаш формираното и сестрано активно и угледно ДПМ (1950). Подоцна објавува и романи и радиодрами, а по докторирањето и научноистражувачки публикации од областа на историјата на литературата и македонското усно народно творештво. Самостојно или во коавторство, објавува неколку збирки со македонски народни песни. БИБ.: Стихови за деца: Овчарче (1946), Песната на славејот (1955); стихозбирки и поеми: Крвава блокада (1947), Тиквешка легенда (1948), Родината в песни (1951), Момина Чука (1955), Ставини (1958), Македонски песни за НОБ (1980); романи: Патишта (1959), Климент Охридски (1969), Заорок (1971); истражувања: Печалбарството во македонската народна и уметничка литература (1974), Саможртвата во македонската народна песна (1979), Македонски печалбарски народни песни (со коредактор, 1979), Македонски песни за Народноослободителната борба (со коредактори, 1980), Класификација на македонската народна песна (1981), Македонски народни хумористично-сатирични песни, И и Ⅱ (со коредактор, 1982 и 1986), Македонски народни песни од Мегленско (со коредактор, 1985), Интонационо-синтаксичкиот слој на поетскиот јазик на македонската народна поезија (1986), Македонски народни умотворби од Разлошко, Пиринска Македонија (со коредактор, 1992). ЛИТ.: 50 години Институт за фолклор. Библиографија…, Скопје, 2000; Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900-1944. Истражувања и материјали, Ⅱ, Скопје, 1980, 362-378. Бл. Р.