АНДОНОВСКИ, Венко

АНДОНОВСКИ, Венко (Куманово, 30. Ⅴ 1964) – поет, раскажувач, романсиер, драмски автор, есеист, критичар, публицист, преведувач, колумнист, антологичар, универзитетски професор. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Постдипломски студии по македонска и хрватска книжевност завршил во Скопје и Загреб. Магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што е вработен како редовен професор по предметите Нова хрватска литература и Теорија на литературата (на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности). Член е на ДПМ и на македонскиот ПЕН-центар. Плоден автор што се пројавува со успех во повеќе жанровски области на современата македонска литература, а неговите книги речиси редовно доживуваат повторени изданија. Специфичното писмо му го краси препознатлив степен на богата литературна наобразба, авторитетна расудочност и научна објективност, поради што се издвојува како мошне популарен автор на современата македонска литература. БИБ.: Нежното срце на Варвара, поезија, 1986; Квартот на лиричарите, раскази, 1989; Фрески и гротески, раскази, 1993; Азбука за непослушните, роман, 1994; Папокот на светот, роман, 2000; Вештица, роман, 2006; Три драми (Адска машина, Бунт во домот за старци, Словенскиот ковчег); Кандид во земјата на чудата, роман, 2004. Автор е на серија дела од областа на науката за литературата: Матошевите ѕвона, 1996; Текстовни процеси, 1996; Структурата на македонскиот реалистички роман (докторска дисертација), 1997; Дешифрирања, 2000; како и на публицистичките творби: Кич митологии, 2001; антологиите: Излазак из сенке, 1989 и Песна зад песните, 1997; преводите од Тери Иглтон: Литературни теории, 2000 и Славко Михалиќ: Градина на црните јаболки, 1997. Кр. Ник. Верољуб Андоновски