МИСИРКОВ, Крсте Петков (Постол, Ениџевардарско, Егејскиот дел на Македонија, 6/18. Ⅺ 1874 – Софија, 26. Ⅶ 1926) – најкомплетниот и најкомплексниот македонски славист, кодификатор на современиот македонски
литературен јазик и правопис, ав-тор на првата книга („За македонцките работи“, 1903) и на првото научно-литературно списание („Вардар“, 1905) на современиот литературен јазик, прв национален филолог, историчар, етнограф, фолклорист и публицист, револуционер и национален деец. По грчкото основно училиште во родното село, учи во српска гимназија во Белград (1889) и во бугарска во Софија (1890), одново во Белград во светосавската Богословско-учителска школа (1891), па во гимназијата во шабац (1891/92) и ја завршува Учителската школа во Белград (1895); го дополнува образованието во руската Духовна семинарија во Полтава (1895–1897), а дипломира на Историско-филолошкиот факултет во С.-Петербург (1897–1902) со писмената тема на државниот испит „Кон прашањето за народноста и причините за популарноста на македонскиот крал Марко“. Ги започнува постдипломските студии на Катедрата по словенска филологија, но ја напушта универзитетската кариера поради немање материјална издршка ни законски можности за вработување во Русија, за да може да учествува во претстојните револуционерни настани во татковината.
Како ученик во Софија е во средината на основачите на Младата македонска книжовна дружина (1891), во Белград е член-основач на Ученичкото друштво „Вардар“ (1893–1894), а во С.-Петербург е член-основач и потоа претседател на ТМОК (1900–1902), прв потписник на основачкиот акт на МНЛД (1902–1905), основач на клонот на МНЛД и во Софија (1903), коешто веднаш е ликвидирано од властите, а се обидува да организира таков клон и во Одеса (1905). Првиот научен прилог го објавува како штотуку за
пишан студент („Живая старина“, 1898), а првите записи на македонски јазик и со посебна македонска графија ги прави во 1900 г.
Како егзархиски гимназијален учител и домашен учител на децата на рускиот конзул А. А. Ростковски во Битола (1902/03) учествува во подготовките за Илинденското востание. По убиството на конзулот мора да се врати во Русија и држи предања во МНЛД, од кои ја составува книгата „За македонцките работи“ и ја објавува во Софија, а настапува за македонското прашање и во Великата школа во Белград (декември 1903). По излегувањето на книгата, изнатепан и смртно заплашен
Насловната страница на дипломската работа (државен испит) на К.П. Мисирков (1902)
во Софија, бега пак во Русија и станува гимназиски учител во Бердјанск (1904/05), Одеса (1905– 1913) и Кишинев (1913–1918). Во
Одеса во 1905 г. го напечатува првиот број на првото научно-литературно списание на современиот македонски литературен јазик
„Вардар“, со лежерна поправка на азбуката и правописот, со што наполно се изедначува Мисирковиот со нашиот современ стандард.
Безуспешно конкурира за професор на Софискиот универзитет (1907), а по Младотурската револуција и за учител во Солунската егзархиска гимназија (1908). Оневозможени се и напорите со П. Попарсов и со митрополитот скопски Теодосија да се отвори Висока педагошка школа во Скопје (1910). Покренува иницијатива да издава весник „БлижниŸ ВостокÍ“ во Одеса (1911), но бива одбиен.
Кога почнува Првата балканска војна (1912), под вид на воен дописник на руските весници „ГолосÍ МосквΓ и
„ОдесскиŸ листокÍ“, доаѓа во Македонија (Солун), но подгонет од Грците разочаран се враќа во Русија и објавува серија статии во рускиот печат и истражувања во бугарски списанија. Во критичните моменти за целоста на Македонија праќа меморандуми до руски и бугарски министри, до Петербуршкото словенско благотворно друштво и др. и води дневнички записи („Мемуари“, 1913).
Ги продолжува истражувањата од македонската историја, јазик, фолклор и етнографија и одново се пријавува за продолжување на своите постдипломски студии, под менторство на проф. Т. И. Флорински (Киев), и ја подготвува магистерската дисертација „Кралевите Волкашин и Марко како историски личности и јунаци на јужнословенскиот епос“. Станува редовен член на Историско-филолошкото друштво на Императорскиот новорусиски универзитет во Одеса (1908), држи неколку реферати на неговите заседанија и објавува во неговите органи.
По почнувањето на Првата светска војна одржува забележан говор на Општословенското собрание во Одеса (6. Ⅷ 1914) и заминува во С.-Петербург, каде што се среќава со видни личности од руските научни и политички кругови, а со Д. Д. Чуповски, Н. Д. Димов и д-р Г. Константинович, од името на Петербуршката и Јужноруската македонска колонија, на 14 ав-густ 1914 г. поднесуваат опширен Меморандум до рускиот министер за надворешни работи за судбината на Македонија и македонскиот народ. Објавува (под псевдонимот Пелски) клучни статии во сп. „МакедонскиŸ голосÍ (Македонски глас)“ и во словенофилскиот орган „Изв‹стия“.
По Октомвриската револуција и осамостојувањето на Република Бесарабија (1917–1918) М. е избран за народен пратеник од националните малцинства и станува секретар за малцинствата на Бесарапскиот парламент, но по соединувањето на Бесарабија со Романија тој е екстерниран во Украина (30. Х 1918), па од Одеса се префрла во Софија (2. ⅩⅠⅠ 1918). Една година е уредник на Историското одделение на Етнографскиот музеј, а потоа е назначен за учител, па наскоро и за в.д. директор на Гимназијата во Карлово (1919). Но по неполна година е сменет (7. Ⅸ 1920) и останува учител, прогонуван од новиот директор и ненавидуван од граѓаните поради неговата македонска национална публицистичка активност. Поднесува молба до Министреството за просвета на Кралството на СХС (1921) за да се префрли како гимназиски преподавател во Скопје, Загреб, Белград „или во некој друг град во Јужна Србија“, но по долга преписка молбата му е одбиена (25. Ⅸ 1923).
Магистерскиот труд на К.П. Мисирков (1909)
Меѓувремено М. започна долга серија тестаментални статии за Македонија и македонското прашање во софискиот печат што уште повеќе му ја влошуваат состојбата во Карлово. Се вклучува во движењето за вештачкиот меѓународен јазик идо и соработува во неговиот орган за да го искористи за македонското национално прашање. Обвинет поради македонството како „србофил“, М. е преместен за в.д. директор на гимназијата (предвидена наскоро да се затвори) во старопланинското гратче Копривштица (4. Ⅸ 1925). Тука развива богата дејност, но поради истите причини е ненавиден од колективот и од граѓанството. Соработува во идиското сп.
„Мондо“ во Стокхолм, а под псевдонимот Пелски праќа дописки и во федералистичкиот в. „Македонско сÍзнание / Македонско сознание“ во Виена. Пред смртта (21. И 1926) конкурира за едногодишен студиски престој на Универзитетот Колумбија во Њујорк, а го подготвува и првиот број и добива дозвола да го редактира и да го издава сп. „Богомил“ (мај 1926). Ненадејно се разболува и наскоро починува во Софиската болница.
Гимназијата во Карлово (1921)
БИБ.: За македонцките работи, София, 1903; сп. „Вардар“, Одеса, 1905; Áжно-словянския Ìпическия сказания о женитÝб‹ короля Волкашина вÍ связи сÍ вопросомÍ о причинахÍ популярности короля Марка среди ÓжнìхÍ словянÍ, Одесса, 1909; За македонцките работи. Фототипно издание. По повод 50-годишнината од излегувањето на книгата „За македонцките работи“. Предговор Даре Џамбаз, уредил Тодор Димитровски, Скопје, 1953;
За македонцките работи / Он Мацедониан Маттерс. Фототипно издание по повод 100-годишнината од излегувањето. Приредил Блаже Ристовски, МАНУ, 2003;
Собрани дела: И. Текстови на македонски јазик (1900&1905). Подготовка Блаже Ристовски. Соработник Билјана Ристовска-Јосифовска, МАНУ, Скопје, 2005; Ⅱ. Печатени истражувања и статии (1898& 1909), 2007 и Ⅲ. Национално-политичка публицистика (1910&1926), 2008; Писма 1911–1917. Предговор и редакција Растислав Терзиоски. Вовед проф. д-р Атанас Вангелов, Скопје, 2007; Дневник 5. ⅩⅠⅠ – 30. Ⅶ 1913. За издавачите: Д-р Зоран Тодоровски – Д-р Борјана Бужашка. Редакција> Д-р Зоран Тодоровски – Цочо Билјарски, Скопје – Софија, 2008.
ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Крсте П. Мисирков (1874–1926). Прилог кон проучувањето на развитокот на македонската национална мисла, Скопје, 1966; истиот, „Вардар“. Научно-литературно и општествено-политичко списание на К. П. Мисирков, ИМЈ, Скопје, 1966; истиот, Раните ракописи на Крсте П. Мисирков на македонски јазик, МАНУ, 1998; истиот, Крсте Мисирков. Нови истражувања и сознанија, Скопје, 2000; Делото на Крсте Мисирков. Зборник од Меѓународниот
научен собир по повод стогодишнината од излегувањето на книгата „За македонцките работи“, И–Ⅱ, МАНУ, 2005. Бл. Р.