ВОЛИЊЕЦ, Радомир (Сараново, Р. Србија, 16. IX 1932 – Скопје, 11. Ⅻ 1990) – архитект. Дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје (1960). Својата професионална дејност ја извршувал на Архитектонскиот факултет каде што се стекнува со звањето редовен професор. Ги предавал предметите архитектура и уметност – стар век и современа архитектура и уметност. Бил декан на Архитектонскиот факултет. Покрај педагошка дејност, развива богата научноистражувачка дејност од областа на градителското наследство во Македонија. Објавените трудови, главно, се однесуваат на народната, на староградската и на руралната архитектура. Се занимавал и со публицистика. Преку објавените статии во дневниот печат ја афирмирал македонската традиционална архитектура. Се занимавал и со заштита на спомениците на културата – изработка на проекти и учество во стручни комисии. БИБ.: Село Битуше рурален амбиент и архитектура, Годишен зборник на Архитектонско-градежниот факултет, 9–10, Скопје, 1972, 117–133; Стари чешми во Македонија, Зборник на Архитектонскиот факултет 1, Скопје, 1977, 53–72; Стари воденици во селото Кучевиште Скопска Црна Гора, Зборник на Архитектонскиот факултет 2, Скопје, 1978, 75–86; Ентериер во Старата македонска куќа – тавани, Зборник на Архитектонскиот факултет 3, Скопје, 1979, 67–106; Ентериер во старата македонска куќа – врата, прозорец, скали, Зборник на Архитектонскиот факултет 4, Скопје, 1980, 89–114; Кратово, Стара архитектонско-урбанистичка содржина, К. Томовски и др., Скопје, 1980; Стара крушевска куќа – архитектонска содржина и модуларно пропорциска анализа, Зборник на Архитектонскиот факултет, 5, Скопје, 1982, 91–114; Функционално обликовната концепција во архитектурата на старата тетовска куќа, Зборник на Архитектонскиот факултет, 6, Скопје, 1983, 43–76; Муслиманска куќа во Тетово – функција, обликување, модуларни пропорции, Зборник на Архитектонскиот факултет, 7, Скопје, 1984, 109–138; Ликовни и обликовни вредности во народната архитектура како резултат на практичната градителска постапка, Зборник на Архитектонскиот факултет, 7, Скопје, 1984, 53–63; Функционално обликовната концепција во архитектурата на старата куќа во селото Горно Солње, Зборник на Архитектонскиот факултет, 8, Скопје, 1985, 27–50; Мементо за една архитектура, Културно наследство, 19, Скопје, 1982, 49–56; Експресија на ентериерот, Културно наследство 10–11, Скопје, 1983–4, стр. 59–74; Старата струмичка куќа – архитектура која исчезнува, Зборник на Заводот за заштита на спомениците на културата и музејот на Струмица, 1987. Кр. Т.