АКЦИОНЕРСКИ КАПИТАЛ

АКЦИОНЕРСКИ КАПИТАЛ – капиталот што претпријатијата, организирани како акционерски друштва (корпорации), го добиваат со емисија на свои акции. Акцијата претставува долгорочна хартија од вредност што на сопственикот му носи две основни права: право на учество во распределбата на еден дел од профитот на претпријатието во форма на дивиденда и право на учество во управувањето со претпријатието (според принципот – една акција еден глас). Историски гледано, акционерскиот капитал и акционерството во Македонија, имаат скромна традиција. Во периодот меѓу двете светски војни и во времето на Втората светска војна бројот на банките и претпријатијата на територијата на денешна РМ, организирани како акционерски друштва, бил незначителен: Гевгелиска банка АД – Гевгелија, Скопска популарна банка, Рибарско акционерско друштво – Охрид, Тетовска кредитна банка – Тетово и сл. Во социјалистичкиот општествено-економски систем, од идеолошки причини, акционерскиот капитал не постоеше. Со донесувањето на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (в. Приватизацијата во Република Македонија ) и по завршувањето на контролата на приватизацијата изведена според југословенските закони, се изврши и претворање на интерните (овие де фацто беа квази-акции) во обични акции. Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал наложуваше големите и средните претпријатија (малите по исклучок) да се трансформираат во акционерски друштва. На крајот од 1992 г. (пред почетокот на приватизацијата) во Република Македонија постоеја околу 400 големи и средни претпријатија. Според Законот за трговски друштва, акционерската форма на организација на претпријатија е задолжителна доколку како основачи на друштвото се јават повеќе од 50 лица. Низ процесот на приватизацијата бројот на акционерите во Република Македонија надмина 250.000 лица. Во меѓувреме, преку слободниот промет на акциите и прегрупирањето на акционерската сопственост, тој број е сведен на 138.000. Воспоставувањето на Македонската берза (в. Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје) и донесувањето на новиот Закон за издавање и тргување со хартии од вредност (Ⅱ 1997), кој наложи сите трансакции со хартии од вредност во Република Македонија да се реализираат на берза, дадоа нов поттик за развој на акционерскиот капитал и акционерството во земјата. Континуираниот пораст на бројот и вредноста на берзанските трансакции, постепеното збогатување на портфолиото на хартиите од вредност, котацијата на најдобрите македонски фирми на берзата, зголемениот прилив на странски портфолио инвестиции во Република Македонија , зголемениот интерес на физички лица за тргување со хартии од вредност и сл., придонесуваат за постепено ширење на акционерската култура во земјата. ЛИТ.: Агенција на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, Прирачник за примена на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, Скопје, март 1994; Македонска берза АД, 10 години Македонска берза, Скопје, 2006. Т. Ф.