ВЕЛЈАНОВСКИ, Новица

ВЕЛЈАНОВСКИ, Новица (’Ржаново, Струшко, 1939) – правник, историчар, научен советник и редовен професор по современа историја на македонскиот народ и архивистика во ИНИ. Бил учител и архивски работник. По дипломирањето на Правниот факултет во Скопје, бил секретар на ИНИ (1976-1980), а докторирал на Универзитетот во Приштина на темата „Создавањето и развојот на народната власт во текот на НОБ на Македонија 1941-1944 година”. Како научен советник (1989), првин бил в.д. (5. Ⅻ 1995), а потоа и директор на Институтот за национална историја во Скопје (од 10. IX 1997). Неговата научна преокупација е современата државноправна историја на македонскиот народ. Бил член и главен уредник на редакцијата на сп. „Гласник” на ИНИ. Со свои реферати и соопштенија учествувал на повеќе од 50 национални и меѓународни научни собири. БИБ.: Народната власт во Македонија во НОВ и Револуцијата 1941-1944, Скопје, 1983; АСНОМ – Документи од Првото и Второто заседание на АСНОМ, т.Ⅰи Ⅱ, кн. 1 и 2, Скопје, 1984; АСНОМ – Документи од работата на Президиумот меѓу Второто и Третото заседание и од Третото заседание на АСНОМ, т. И, кн. 3, Скопје, 1987; Местото на АСНОМ во историјата на македонскиот народ, Скопје, 1991 (со коавтор); Државно-правниот развој на Македонија 1945-1953 Административно-централистичкиот период во државноправниот развој на Македонија, Скопје 1992; АСНОМ – државотворни димензии, Скопје, 1994; АСНОМ – документи, т. И, кн. 4, Скопје, 1994; Македонското прашање во Бугарскиот парламент, Скопје, 1995; Политички и законодавно-правни аспекти, Скопје, 1966. ЛИТ.: 50 години Институт за национална историја 1948-1998, Скопје, 1998, 82-86. С. Мл.