ВАСИЛИЧАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ

ВАСИЛИЧАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ – лирски обредни календарски песни, по содржина и намена слични на коледарските. Новата година одделно ја прославувале децата од возрасните. Децата ја празнувале со обичаи и песни, кои се блиски до оние од Бадник. И овие песни немаат развиена мелодија, туку се кажуваат со скандирање, со карактеристични извици на крајот од песната. Низ песните се искажуваат убави желби и благослови за родна година: Сурова, сурова година, / голем клас на нива, / голем грозд на лоза, / жолт мамул на леса, / живо здраво до година, / до година, до амина. Песните што ги пеат возрасните се дел од обредната игра и се во функција на обредот. Тие се исполнети со благослови, хумор, но и со вулгарни елементи во склад со обредот. Песните ја дополнуваат празничната атмосфера на означување на почетокот на Новата година и иницираат здравје и напредок на поединецот и пошироката заедница, но и богат род на земјоделските култури. ЛИТ.: Вера Кличкова, Божиќни обичаи во Скопската Котлина, „Гласник на Етнолошкиот музеј”, 1, Скопје, 1960; Кирил Пенушлиски, Одбрани фолклористички трудови, 2, Скопје, 1988; Марко Китевски, Македонска народна лирика (Обредни песни), Скопје 1997. М. Кит.