БУГАРСКИ ЦЕНТРАЛЕН АКЦИОНЕН КОМИТЕТ во Македонија (6. Ⅳ 1941) – формиран со цел да го помогне воспоставувањето на бугарскиот окупаторски режим. Претседател бил адвокатот Стефан Стефанов, а организационен секретар Васил Хаџи Кимов. Седиштето било во Скопје. Комитетот пред германските воени власти се претставувал како единствен правен носител на власта до доаѓањето на бугарската власт и се занимавал со засилена пропагандна дејност за да го убедува населението дека е бугарско. БЦАК го издавал в. „Македонија“, а престанал на 7. Ⅶ 1941 г. по наредба на бугарската власт. ЛИТ.: Ѓорѓи Малковски, Профашистичките и колаборационистичките организации и групи во Македонија 1941–1944, Скопје, 1995; истиот, Политичките партии и организации во Македонија во Втората светска војна 1941–1944, Скопје, 2002. Ѓ. Малк.