НАЦЕВ-ФЕТАК, Киро

НАЦЕВ-ФЕТАК, Киро (псевд. Милан) (Куманово, 1918 – Прилеп, 21. ⅩⅠⅠ 1942) – комунистички деец, организатор, првоборец. Како синдикален активист во Куманово, учествувал во повеќе штрајкови и станал член на СКОЈ (1934) и на КПЈ (1936). Бил еден од организаторите на кумановските партизански одреди (1941) и командант на Козјачкиот НОПО. По разбивањето на Одредот, бил на партиска работа во Скопје, а потоа инструктор на ПК на КПЈ за Македонија при месните комитети во Крушево и Прилеп. Во една борба на НОПО „Ѓорче Петров“ бил тешко ранет, заробен и со ѕверско мачење бил убиен во бугарската полиција. Прогласен е за народен херој на Југославија (20. ⅩⅠⅠ 1951). ЛИТ.: Комплетен марксист-револуционер (1–4). Сеќавања за Киро Фетак-Милан на Петар Маркоски, носител на „Партизанска споменица 1941“, „Наш весник“, ⅩⅤⅠⅠⅠ, 685/8, Куманово, 12, 19, 26. Ⅹ и 1. Ⅺ 1979, 5; Видое Подгорец, Нацев Андреја Киро-Фетак (1918–1942), Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 276–281; Методи Петровски – Драгољуб Димовски, Киро Фетак, Скопје 1975; Д-р Симо Младеновски, Народниот херој Киро Нацев–Фетак, „Беседа“, Ⅳ, 25–26, Куманово, 1982, 129–149. С. Мл. Гордана Нацева