МЕЛНИК – град во Пиринскиот дел на Македонија, Република Бугарија, со 286 ж. (1992). Се наоѓа во југозападните падини на Пирин Планина, од двете страни на Мелничка Река, на надморска височина од околу 400 м. Климата е променето средоземноморска. Името му доаѓа од зборот мел што значи бела глина. М. е стар град со многу богато културно-историско наследство и зачувана стара архитектура. Во еден период од средниот век бил главен воен, административно-политички, стопански, културен и духовен центар во долините на Струма и Места. Во 1207 г. болјарот Алексиј Слав се ослободил од бугарската држава и се прогласил за самостоен владетел со седиште во Мелник. Градот бил заштитен со тешко пристапна тврдина. Посебен просперитет доживува во текот на ⅩⅤⅠⅠⅠ и ⅩⅠⅩ в. Кон крајот на ⅩⅠⅩ в. има 4.330 ж. Потоа неговото население почнува да опаѓа и денеска тоа е град речиси без население. Поради зачуваното оригинално архитектонско наследство и присуството на природните земјени пирамиди М. е прогласен за град–музеј. ЛИТ.: В. Нешова, Средновековният Мелник. Векове, кн. 4, София, 1981. Ал. Ст.