КРЕЉА, Зина

КРЕЉА, Зина (Битола, 17. Ⅱ 1925 – Скопје, 21. XI 2004) – оперска певица, сопран, првенка на Операта на МНТ. Потекнува од музикално семејство (мајка Нада Џамбазова – оперска певица). Пеење учи во Загреб (проф. Рајзер), а вокалното образование го продолжува во Рим (проф. Страчари). Во 1946 г. дебитира во Загреб со улогата на Виолета Валери во операта Травијата. Една сезона била ангажирана во Сараевската опера, а во Операта на МНТ, како еден од нејзините основачи е од 1947 до 1981 г. Во својата кариера остварила повеќе од 20 улоги, од кои позначајни се: Констанца („Грабнување од Сарајот”), Розина („Севилскиот бербер”), Кралицата на ноќта („Волшебната флејта”), Норина („Дон Пасквале”). Настапувала и на концертниот подиум. Гостувала во музичките центри на поранешна Југославија, Бугарија, Романија, швајцарија. Поседувала сугестивност и сензибилитет во изразот и сценски шарм. Ф. М.