АБАЏИЕВ, Ѓорѓи

АБАЏИЕВ, Ѓорѓи (Дојран, 7. Ⅹ 1910 – Скопје, 2. Ⅷ 1963) – раскажувач, романсиер, историограф, публицист и сценарист. Од петтата година на животот емигрант во Софија. Средно образование завршува во Горна Џумаја (Благоевград). Студира на Правниот факултет во Софија, каде што зема активно учество во организациите на прогресивната македонска емиграција во Бугарија. Член е на Македонскиот литературен кружок (1938–1942) и на Македонскиот литературен кружок „Никола Вапцаров” (1946–1947). Неговите први уметнички цртици, репортажи и раскази се поместени во книгите „Последна средба” и „Труд и луѓе” (Софија, 1936). Во 1948 година се враќа во Македонија, каде што во Скопје е еден од основачите, в.д. заменик-директор и еден од најактивните соработници на Институтот за национална историја. Литературната работа во татковината ја започнува со расказот „Двајцата другари”, што е објавен во зборникот „Илинден” (Скопје, 1948). Во 1972 г. се објавени неговите „Избрани дела” во четири тома. Во сите негови дела темите и феномените на историјата имаат истакнато место и со право се смета за историски белетрист. ДЕЛ: Изгрев (раскази, 1950), Епопеја на ножот (раскази, 1951), Последна средба (раскази, 1953), Арамиско гнездо (роман, 1954), Пустина (роман, 1961), Раскази (1962), Балканските војни и Македонија (монографија, 1972).ЛИТ.: Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990); Венко Андоновски, Структурата на македонскиот реалистичен роман (1997); Христо Георгиевски, Македонскиот роман 1952-2000 (2002). В. М.-Ч.