ШТИП

ШТИП

град во источниот дел на РМ со 43.652 ж. (2002). Се простира на ридест терен помеѓу р. Брегалница и повремениот водотек Отиња, на надморска височина помеѓу 260 и 320 м. Зафаќа површина од 2.080 ха. Со магистралниот пат М–5 на запад е поврзан со Велес, а на исток со Кочани и Делчево, а со М–6 на југоисток со Радовиш и Струмица. Штип е железничка станица на железничката линија ВелесКочани. Има умерено-континентална клима со просечна годишна температура на воздухот од 12,8°Ц и просечна годишна количина на врнежи од 482 мм. Поглед на градот Штип од Хисарот Се смета за еден од најстарите градови во Македонија. Тој е формиран на местото на древниот римски град Астибус, кој во времето на Византија се спомнува под името Стипеон, по кое Штип го добил и денешното име. Како град тврдина под името Штип се наоѓал во составот на македонската држава на царот Самуил. Турците го освоиле во 1395 г. Во времето на нивното владеење претставува важна населба на Серскиот пат, а во ⅩⅤⅠ и ⅩⅤⅠⅠ в. бил владичко седиште. Познатиот турски патописец Евлија Челебија за Штип наведува дека имал 2.240 куќи, 450 дуќани, голем безистен, карван сарај, 27 џамии и 7 ана, додека пак францускиот конзул Божур забележил дека во 1800 г. градот има 3.000–4.000 ж. Во ⅩⅠⅩ в., посебно во неговата втора половина, градот стопански и популациски доста зајакнал и во 1900 г. во него живееле 20.900 ж. Во времето на Балканските и Првата светска војна Штип се наоѓал во зоната на воените операции, кои, заедно со иселувањето на Турците, негативно се одразиле врз развојот на градот, така што во 1931 г. населението се намалило на 11.859 ж. Во периодот меѓу двете светски војни градот вршел улога на административен центар за Источна Македонија. И денес претставува главен крстопат и најголем град и индустриски центар во овој дел на Републиката. Населението го сочинуваат главно Македонци (39.323 ж.), а од малцинствата најбројни се Ромите (2.184), потоа следат Власите (1.727), па Турците (877) и Србите (272). Штип е седиште на општина што зафаќа површина од 58.324 ха, има 44 населени места со 47.796 ж. Од индустриските гранки во градот се најзастапени текстилната и индустријата за обувки, металната и електроиндустријата. Во Штип има гимназија и три средни стручни училишта, Рударски и Педагошки факултет, а се очекува отворање и на други факултети на новиот Универзитет „Гоце Делчев“. Исто така, има музеј, Завод за заштита на споменици на културата, Историски архив, здравствен дом, а од културно-историските споменици: тврдината Исар со Меморијален споменик на Револуцијата, безистен со уметничка галерија, и црквите „Св. Архангел“, „Св. Спас“, „Св. Јован“ и „Св. Богородица“, и џамијата Хусамедин-пашина. ЛИТ.: Блага Алексова и др., Штип низ вековите, кн. прва и втора, Штип, 1986; По-пис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002, кн. Џ, ДСЗ, Скопје, 2004. Ал. Ст.