ШЕСТА МАКЕДОНСКА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА БРИГАДА

ШЕСТА МАКЕДОНСКА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА БРИГАДА (пл. Славеј, близу до Струга, 6. Ⅸ 1944 – 1945) – воена единица на НОВ и ПОМ. Била формирана со околу 1.000 борци – дел од борците на Првата македонска НО бригада и новодојдени борци. Извршила напад на бугарските гранични караули југоисточно од Кичево и во Крушевско, а потоа влегла во составот на Четириесет и осмата македонска дивизија на НОВЈ (28. Ⅸ) и учествувала во нападот на Кичево (8. Џ). Привремено била ставена под команда на Четириесет и втората македонска дивизија на НОВЈ (средината на октомври) и го чистела подрачјето на Жеден и Сува Гора од балистичките сили (до крајот на октомври 1944). По заедничките борби за ослободувањето на Кичево и Кичевско (15–17. Ⅺ), продолжила да ги гони балистичките сили кон Гостивар (ослободен на 18. Ⅺ 1944). Подоцна влегла во составот на Четириесет и деветтата македонска дивизија на НОВЈ (втората половина на декември 1944). ЛИТ.: Дане Петковски – Владо Стрезовски, Борбена дејства у Западној Македонији 1941–1944, Београд, 1983; шеста македонска народноослободителна ударна бригада, Скопје, 1994; Зборник на сеќавања на борците од шестата МНОУБ, Скопје, 1998; Д-р Марјан Димитријевски, Македонската војска 1944–1945, Скопје, 1999, 102–107. С. Мл.