ШАТЕВ, Павел

ШАТЕВ, Павел (Кратово, 15. Ⅶ 1882 – Битола, 30. И 1951) – револуционер, национален деец, публицист и државник. Ја завршил егзархиската гимназија во Солун (1900), каде што се вклучил во терористичкиот кружок на гемиџиите. Учествувал во неуспешниот обид за кревање во воздух на Отоманската банка во Цариград и во диверзијата на францускиот патнички брод „Гвадалкивир“ во солунското пристаниште (20, 29 и 30. Ⅳ 1903). Бил уапсен и осуден на смрт, но казната му била заменета со доживотна робија и испратен е во затворот крај Фезан (Либија). По Младотурската револуција бил амнестиран (1908) и отишол во Брисел за да студира правни науки (1912), кои ги завршил на Софискиот универзитет. Извесно време бил професор во Со-Павел шатев лунската трговска академија. Во Првата светска војна бил правник во штабот на бугарската армија во Ниш, а по Војната политички активист сред македонската емиграција во Софија и претседател на Македонската емигрантска федеративна организација (од нејзиното основање во декември 1921). Во контакт со претставниците на Советскиот Сојуз и Коминтерната во Софија, станал нивен професионален разузнавач (1923). Учествувал во подготовката и преговорите за потпишувањето на Мајскиот манифест (1924). Наскоро емигрирал во Турција (септември 1924), а потоа во Виена (1925) и Берлин (1928). Бил еден од дејците на ВМРО(Об) и соработник во нејзиниот орган в. „Македонско дело“. Наскоро бил префрлен на работа во Цариград (1929), а потоа во Софија, како раководител на Центарот на разузнавачката служба на СССР. Бил уапсен (ноември 1941) и интерниран во казненички логор, а потоа осуден на 15 години затвор (јули 1942). По капитулацијата на Бугарија (9. Ⅸ 1944) се вратил во Македонија и бил избран за член на Президиумот на АСНОМ и повереник за правосудство. Ја прифатил Резолуцијата на Информбирото, бил уапсен (јуни 1949) и интерниран во Битола, каде што и починал. Автор е на публицистички и мемоарски дела. БИБ.: Солунскиот атентат и заточениците во Фезан, според спомени на Павел шатев. Превод Цветко Мартиновски, Скопје, 1994. ЛИТ.: Д-р Крсте Битоски, Солунските атентати 1903, Скопје, 1985; Павел шатев, време, живот, дело (1882-1951). Прилози од Научниот собир одржан на 15 и 16. Ⅲ 1992; Јован Павловски, Гемиџиите, Скопје, 1977 и 1997. С. Мл.