ХАЏИКОНСТАНТИНОВ-ЏИНОТ, Јордан

ХАЏИКОНСТАНТИНОВ-ЏИНОТ, Јордан (Велес, ок. 1818 – Велес, 29. Ⅷ 1882) – македонски книжевен, просветен и културнонационален деец. школувањето го започнува во родниот град, а го продолжува во Самаков и во грчката гимназија во Солун. Работи како учител, применувајќи нови наставни (ланкастарски) методи и го воведува народниот јазик во наставата. Учителствува во приватно училиште во Велес (1837), а подоцна и во Скопје (1848–1857) и во Прилеп (1859–1860). Поради антифанариотската дејност, често е прогонуван, затворан и испратен на заточение во Мала Азија (1861–1863). По враќањето пак е учител во Велес (1866–1867) и во Скопје (1869–1870). Познат е како драм-ски автор („Минерва и девет музи“, „Учителите и ученикот“), како учебникар („Таблица перваја“, Факсимил на „Таблица перваја“ од Ј. Х.-Џинот 1838), како еден од првите македонски стихотворци („Рај божји“, „Крај реката Вардар“), но и како автор на две збирки афоризми, а со афинитет и кон сликањето. Соработник на Друштвото на српската словесност во Белград. Собирач е на културно-историски споменици и народни умотворби. Ги објавува првите македонски патописи, кои се и меѓу првите описи на Македонија воопшто. Собирал и лексички материјал и се подготвувал да издаде повеќејазичен речник. БИБ.: Јордан Хаџиконстантинов – Џинот. Приредил: Блаже Конески, Скопје, 1987. ЛИТ.: Харалампие Поленаковиќ, Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Био-библиографска скица, Во екот на народното будење, Ⅳ, Скопје, 1989, 41-58; Блаже Конески, Книга за Џинот, Скопје, 2004. Б. Р.-Ј. ХАЏИМАНОВ, Александар