ХАЏИЕВСКИ, Драган

ХАЏИЕВСКИ, Драган (Галичник, 5. Ⅶ 1928) – геофизичар, ред. проф. (1981) на ПМФ. Дипломирал на Филозофскиот факултет на Групата за физика (1957) и геофизика на ПМФ во Загреб (1961). Докторирал (1978) на ПМФ во Загреб со тема за физичките карактеристики на земјотресното жариште. Специјализирал во Загреб и во Москва. Одржувал постдипломска настава на ИЗИИС и на ПМФ во Загреб. Речиси две децении ја раководел Сеизмолошката опсерваторија и го дал основниот придонес за нејзиното оформување во современа и компетентна институција со развиена меѓународна соработка. Ги анализирал земјотресите во Македонија и во Југославија, направил проценки за магнитудите на очекуваните потреси, укажал на поврзаноста на земјотресите со зголемената промена на длабочината на Мохоровичиќевиот дисконтинуитет, публикувал во земјата и во странство. Бил долгогодишен уредник на „Ацта Сеисмологица Југославица“. ЛИТ.: 60 години Природно-математички факултетСкопје, Скопје, 2006, стр. 455. В. Ур.