ФИЛИПОВСКИ, Ѓорѓи Стефанов (с. Сорович, Леринско, Егејскиот дел на Македонија, РГ, 6. Ⅴ 1919) – универзитетски професор, академик. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 г. како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947). Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои (по 6 месеци) во Франција и во САД. Кај него магистрирале и докторирале голем број студенти. На студиски престој кај него биле научни работници од странство. Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќедецениски нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот. Ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач. За редовен член на МАНУ е избран во првиот состав (1967). Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три ман-дата и потпретседател. Еден од основачите на Земјоделско-шумарскиот факултет и на МАНУ. Тој е почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд (Англија) и надворешен член на Академијата на науките на Босна и Херцеговина. Предавал на постдипломските студии во Скопје и во Белград. Бил визитинг-професор (една година) во Калифорнија и повеќе години држел предавања по педологија на меѓународните постдипломски студиуми од областа на медитеранското земјоделство во Италија (Бари) и Грција (Крит) каде што бил избран на меѓународен конкурс. Бил член на управниот одбор на повеќе меѓународни научни организации. Како експерт престојувал во Египет за користење на водите на Асуанската брана за мелиорирање на солените почви. Автор е на над 200 научни трудови отпечатени главно во Белград, како и во поголем број странски списанија, научни зборници и монографии. Учествувал на голем број меѓународни и национални научни конгреси во повеќе земји со реферати, а на некои и со главен реферат. Неговите трудови се од повеќе области на педологијата. Ав-тор е на 19 монографии, од кои најважни се: монографијата „Земљишта Југославије“ (преведена на англиски и многу цитирана), „Класификација земљишта Југославије“ (основа и за изработката на педолошката карта на Југославија). Негово капитално дело е „Почвите на Република Македонија“ во 6 томови во издание на МАНУ. Од другите монографии треба да се спомнат и тие за деградацијата на почвите на РМ, за класификацијата на почвите на РМ, за климатско-вегетацископочвените региони во Република Македонијаи др. Благодарение на него и на неговите соработници, почвите на Република Македонијасе едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија претрпел 4 изданија (1968– 1993). Има напишано и два терминолошки речника во издание на МАНУ (педологија, агрохемија). БИБ.: Почвите на Република Македонија, И–В, МАНУ, Скопје, 1995–2001; Карактеристики на климатско-вегетациско-почвени зони (региони) во Република Македонија, МАНУ, Скопје, 1996; Деградација на почвите како компонента на животната средина на Република Македонија, МАНУ, Скопје, 2003; Класификација на почвите на Република Македонија, МАНУ, Скопје, 2006. Р. Љупчо Филиповски