УЗУНОВ, Никола

УЗУНОВ, Никола (с. Емборе, Егејскиот дел на Македонија, 12. Ⅷ 1930) – економист, унив. професор, општественик, академик. До запишувањето во средно образование живеел и учел во Солун. Средно економско училиште завршил во Скопје (1948), а Економски факултет во Загреб (1954). Со докторат од економски науки се стекнал на Универзитетот во

Никола
Узунов

Белград (1959), бранејќи ја темата „Индустријализацијата на НР Македонија и нејзиниот народен доход“. Престојувал и специјализирал на повеќе врвни светски универзитети, како што се Универзитетот во Оксфорд, Англија (1957), Универзитетот „Вандербилт“, САД (1959–1960), Чикашкиот универзитет, САД (1960), Лондонската висока економска школа, Англија (1965–1966), Кинеската академија за општествени науки (1982), Универзитетот „Јеил“, САД (1984) и др. На Економскиот факултет во Скопје е избран за асистент (1954), за доцент (1960), за вонреден (1966) и за редовен професор (1972). На додипломските и подипломските студии на Економскиот факултет во Скопје ги предавал предметите: Применета економија, Современи економски системи, Економика на индустријата, Политика на економскиот развој, Развојни проблеми на индустријата и др. Како хонорарен професор предавал на Правниот факултет во Скопје (1960–1964) и на Факултетот за новинарство (1979–1996). Во учебната 1975/1976 г. како визитинг-професор престојувал на Калифорнискиот државен универзитет во градот Чико (САД), каде што во два семестра изведувал настава по предметите: Компаративни економски системи, Коегзистенција во мултиполарниот свет, Индустриска демократија – партиципација – самоуправување и економски развој на недоволно развиените земји. Во учебната 1983/1984 г., како визитинг-професор престојувал на Државниот универзитет во Мисури (САД), каде што држел настава по предметите: Компаративни економски системи и Економски развој на недоволно развиените земји.
Бил продекан на Економскиот факултет во Скопје (1963–1965), претседател на Сојузот на економистите на Македонија (1969– 1972), раководител на Одделението за научноистражувачка работа при Економскиот факултет во Скопје (1972–1974), декан на Економскиот факултет во Скопје (1977–1978), дописен член на МАНУ (1979), претседател на Сојузот на економистите на Југославија (1982), раководител на Институтот за развој при Економскиот факултет во Скопје (1980– 1984 и 1986–1988), редовен член на МАНУ (од 1986), член на Здружението на економистите на Европа (од 1986), секретар на Одделението за општествени науки во МАНУ (1992–1999), претседател на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1998– 2000) и др.
Извршувал и бројни општествено-политички функции, меѓу кои позначајни се: пратеник на Републичкото собрание на СРМ (1967– 1973), член на Извршниот совет (Владата) на СРМ (1967–1971), претставник на СФРЈ во Меѓународната група за политика во областа на општествените науки при ОЕЦД во Париз (1973–1975), претседател на Стручниот совет за економски прашања при Извршниот совет на СРМ (1986–1990), член на Сојузниот економски со-вет при Сојузниот извршен совет на СФРЈ и др.
Тој е еден од основоположниците на научните дисциплини од областа на развојната и макроекономската теорија и политика во РМ. Од особено значење е неговиот придонес во формирањето и развојот на научниот потенцијал од областа на економските науки. Под негово менторство магистрирале и докторирале голем број наши познати економисти, научни работници, универзитетски професори и членови на Владата на РМ. Тој е автор на повеќе од 220 научни и стручни трудови – учебници, книги, статии, студии и научни проекти – објавени во земјата и во странство. Со својот импозантен теоретски и научноистражувачки опус, вонредно високиот научен авторитет, стекнатата репутација на врвен економист и педагог, неизмерната објективност, кооперативност и одговорност во извршувањето на работните и општествено-политичките функции, несомнено се вбројува во редот на доајените на македонската економска наука.
БИБЛ.: книги, учебници и скрипти: Економските проблеми и неразвиените земји, Скопје, 1966; Економика на СФРЈ – Увод во применетата економија, Скопје, 1966 (дополнето издание, 1971, коавтор); Индустриските центри и региони во СР Македонија, Скопје, 1970; Применета економија на СФРЈ, Скопје, 1975 (преработени и дополнети изданија: 1981, 1985 и 1990);
Центрите (половите) на развој во СР Македонија, Скопје, 1977 (коавтор); Економика на СФРЈ, Скопје, 1980 (коавтор, дополнето издание, 1983); Современи економски системи – Економска анализа на
современиот свет, Скопје, 1986 (преведен и на српско-хрватски јазик, Белград, 1988);
Англиско-македонски и македонско-англиски економски и деловен речник, Скопје, 1994 (дополнето издание 2003, коавтор);
Трансформација на економските системи – Запад–Исток–Југ, Скопје, 1995; Современите економски системи и глобализацијата, Скопје, 2000 (коавтор); Стопанството на Република Македонија 1945–1990, Скопје, 2001; Придонесот на академикот Кирил Миљовски за економската наука и макроекономската политика во Македонија, МАНУ, Скопје, 2003; Економската наука и макроекономската политика, Скопје, 2005; позначајни научни проекти: Споредбена анализа на економските системи на балканските земји; Економскиот развиток на СР Македонија од 1955–1985 година; Предвидување на општествено-економскиот развој на СР Македонија до 2000 година; Степенот на (не)синхронизираноста на процесите: индустријализација, деаграризација, миграција, урбанизација во СР Македонија; Моделирање на структурата на индустријата со оглед на енергетските потреби; Економскиот развој на Македонија во периодот 1991–1995 – Преструктурирање на стопанството; Демографскиот развој во градските населби на Македонија; Стратегија за приспособување на стопанството и глобални согледувања за стопанскиот развој на
Република Македонија; Национална стратегија за економски развој на Република Македонија, Национален извештај за човеков развој на Република Македонија – 1998; Економски аспекти на просторниот план на Република Македонија.
ИЗВ.: Економски факултет – Скопје – 50 години (1950–2000), Скопје, 2000; Билтени на изборните собранија на МАНУ, 1979; 1986. Д. Е.

Христо
Узунов