ТОДОРОВСКИ, Димо

ТОДОРОВСКИ, Димо (Солун,
12. Ⅺ 1907 – Скопје, 27. Ⅳ 1983) – скулптор, ликовен педагог, член на МАНУ, основоположник на современата македонска скулптура. Завршил Уметничко училиште со академски курс во Белград (1936). Бил учесник во НОБ. Голема ретроспектива имал во Скопје (МСУ, 1980). Ја обработувал социјалната тематика со реалистички пристап и блага експресивна моделација. Во 1942 г. извајал серија фигурини инспирирани од малиот човек и жанрсцените (Кеманеџија, Гатачка, Тутуноберачка). Размислувал паралелно и за историски композиции, но ги реализирал подоцна (Браќа Миладиновци, 1945; Бегалци, 1951; Св. Климент Охридски, 1967). Во меѓувреме го создал впечатливиот реалистички портрет Мајка на уметникот (1947). На почетокот на 50-тите години инцидентно користел етнолошки мотиви, но постојано бил окупиран со теми од НОБ. Ги користел и искуствата од кубизмот, присутни во монументалните дела (На Мечкин камен, 1968; Споменикот на НОБ во Трница, 1972). Во неговото амбле-матично дело Јама (1956) ја нагласува психолошката компонента со драматичната експресивна поставеност на фигурите. Сличен пристап имал во Споменикот на НОБ во Дабница (1972). Индикативни се делата во кои ги комбинирал лирската стилизација и класичната форма (Анданте, 1956; Рибар, 1979; Лизгач, 1982).

ЛИТ.: Антоние Николовски, Творештвото на современиот македонски скулптор Димо Тодоровски,„Културно наследство“, В, Скопје, 1974; Богдан Мусовиќ, Димо Тодоровски, Скопје, 1980. М. Б.-П.
Зоран
Тодоровски