ТИКВЕШКО ВОСТАНИЕ

ТИКВЕШКО ВОСТАНИЕ (1913) – локално востание во Тиквешијата против српската окупаторска власт во Македонија, инспирирано од Бугарија, а предводено од Дончо Лазаров, Мишо шкартов и Диме Пинџуров. Побуната започнала на 19 јуни 1913 и биле протерани претставниците на српската власт од Кавадарци, а на 22 јуни и од градот Неготино. Биле ослободени околу 50 села во Тиквешијата. Во Кавадарци била избрана месна управа, на општинската зграда се веело тиквешко револуционерно знаме на ВМОРО. Востаниците избрале Револуционерен штаб и Војводски совет за раководење на Востанието. Бројот на вооружените востаници изнесувал ок. 200 души и заедно со четите на ВМОРО биле над илјада. При задушувањето на Востанието српските воени единици убиле околу 1.200 души, а изгореле околу илјада куќи и дуќани. ЛИТ.: Револуционерните борби во Тиквешијата. Спомени и материјали, книга 2, Скопје, 2001; Зоран Тодоровски, Тиквешкиот бунт во 1913 година, зб. Тиквешкото востание во 1913 година, Кавадарци, 1993. З. Тод.