ТАПАН

ТАПАН – мембранофон музички народен инструмент. Во Македонија се практикува во две големини – голем и мал, кои имаат ист облик и се изработуваат од ист материјал. Најпрвин се прави празен дрвен валјак (луб) од ореово или од костеново дрво. На секоја од неговите отворени страни е распната кожа од коза или од овца, која се затегнува со два обрача и цврст канап. Чукањето (свирењето) на тапанот се изведува со специјално изработени дрвени направи – кукуда и прачка. Тапаните во рамките на разните инструментални состави најчесто се придружници на машките народни ора, но се користат и за други видови орски, музички или орскомузички изведби. ЛИТ.: Д-р Александар Линин, Народните музички инструменти во Македонија, Скопје, 1986, 29. Ѓ. М. Ѓ.