ТАЕН МАКЕДОНСКО-ОДРИНСКИ КРУЖОК

ТАЕН МАКЕДОНСКО-ОДРИНСКИ КРУЖОК (ТМОК)(С.-Петербург, 1900–1906) – тајна револуционерна и добротворна асоцијација на македонските студенти во С.-Петербург, филијала на ТМОРО во Русија. Иницијатор и прв претседател е студентот на Духовната академија Иван Сапунаров (од Костурско). На првиот состанок на ТМОК (12. Ⅺ 1900) во Протоколната книга е запишано:„Нашиот кружок има цел да го помага материјално македонското дело и, според своите можности, да го следи одот на тоа дело“. По два дена се запишани и средствата за постигнување на целта:„1. членски внос (по 50 копејки месечно), 2. лотарија и откупување на правото на бифето во време на претполагани концерти, 3. лотарија од книги,4. собирање стари алишта,5. во случај на некоја катастрофа да се праќаат апели до школските институции овде“. Меѓу десетте основачи се наоѓа и К. П. Мисирков. ТМОК веднаш се поврзува со ВМК во Софија и со ЦК на ТМОРО во Солун. Кога Сапунаров дипломирал, бил назначен за учител во Солунската гимназија и бил кооптиран за член на ЦК на ТМОРО, претседател на ТМОК станал Д. Ласков, а секретар Хр. шалдев (1901). Кога и Ласков дипломирал, претседател на ТМОК станува веќе постдипломецот К. П. Мисирков, а секретар останува шалдев. Во тоа време веќе се формирани такви кружоци и на руските универзитети во Киев, Москва и Казан, а подоцна и во Одеса. Меѓусебно се поврзани и се во услуга на ослободителното дело. На 28. Х 1902 г. е основано и Македонското научно-литературно другарство и сите членови на ТМОК стануваат и негови членови, а Мисирков и прв потписник. Собраните средства ги испраќаат во ЦК. Особена дејност ТМОК развива во времето на Горноџумајското востание, кога добиваат информации од Македонија и ги пласираат во рускиот печат. Самите членови се задолжени да го следат редовно рускиот, германскиот, францускиот, бугарскиот и српскиот печат, а поединци (Мисирков) настапуваат и со свои статии за македонското прашање. На 17. Х 1902 г. ТМОК испраќа опширен меморандум до претседателот на СПБ. словенско благотворно друштво за Македонија и ослободителната борба. Соработуваат со другите словенски друштва, особено со Бугарското во С.-Петербург. Се водат информативни разговори со истакнати личности од општествено-политичкиот и научно-културниот живот во Русија и Запис во Протоколната книга на ТМОК во С.-Петербург (1900) за дознаените информации ги запознаваат ЦК и ВМК. Во ноември 1902 г. Мисирков заминува во Битола, а претседател на ТМОК станува Н. Христов. Секретарот Хр. шалдев е поврзан со бугарскиот егзарх и интригира против Мисирков и Д. Чуповски и против дејноста на МНЛД. Во Илинденското востание неколку членови земаат и активно учество, а еден од нив и загинува. Подоцна се формира Централно биро на Македонскоодринската организација во Русија што ги обединува сите кружоци (друштва), но во 1906 г. веќе ја прекинува дејноста, стапувајќи „врз почвата на интернационализмот“. ИЗВ.: АОИНИ, Скопје, ф. Хр. шалдев, Архивата на ТМОК во Петроград и Киев. ЛИТ.: Ѓорѓи Абаџиев, За односот на Македонската колонија во Петроград кон македонското прашање, „Гласник на ИНИ“, Ⅲ, 1, 1959, 107–111; Д-р Блаже Ристовски, Крсте П. Мисирков (1874–1926). Прилог кон…, Скопје, 1966, 159-186 и 338345; истиот, Димитрија Чуповски (1878– 1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград,И, Скопје, 1978, 131-180. Бл. Р.